ПРВ.мк
Свет

Силниот ветер беше кобен: Пет алпинисти загинаа на Елбрус

Силниот ветер беше кобен: Пет алпинисти загинаа на Елбрус

Петмина алпинисти од Босна и Херцеговина го загубија животот при обид да го освојат Елбрус, највисокиот врв во Европа, откако експедицијата била зафатена од екстремно лоши временски услови, објавија руските медиуми.

Според информациите, групата од седум алпинисти тргнала кон врвот на 25 јули. За време на искачувањето, временските услови нагло се влошиле, а брзината на ветерот достигнала и до 70 километри на час, што значително ја отежнало спасувачката акција.

Еден од членовите на експедицијата успеал сам да се спушти од планината и да повика помош, додека вториот преживеан бил пронајден од спасувачките екипи. Двајцата се хоспитализирани и се под лекарски надзор.

Руските власти претходно соопштија дека двајца алпинисти се разболеле на надморска височина од околу 5.100 метри, по што започнала спасувачка операција и потрага по останатите членови на групата.

Подоцнежните информации потврдија дека петмина алпинисти не успеале да преживеат. Според руското Министерство за вонредни ситуации, нивните тела се наоѓаат на таканареченото „седло“ на Елбрус, на надморска височина од околу 5.350 метри.

Поради исклучително неповолните временски услови, евакуацијата на телата ќе биде извршена дури кога тоа ќе го дозволат условите на планината.

За случајот е отворена истрага, која треба да ги утврди сите околности што довеле до трагедијата.