Во голема меѓународна акција против измами со прехранбени производи, спроведена во 57 земји, уапсени се 79 лица, разбиени се 18 криминални групи и запленета е стока во вредност од над 79 милиони евра, соопшти Европол.
Операцијата „OPSON XV“, координирана од Европол и Интерпол, траела од декември 2025 до мај 2026 година. Во рамките на акцијата биле спроведени 17.071 инспекциски контроли, а 428 лица биле пријавени пред надлежните правосудни органи.
Запленети се повеќе од 1,65 милиони килограми неквалитетна храна, 227.800 литри фалсификувани пијалаци и над 526.000 фалсификувани производи.
Меѓу најчестите измами биле фалсификувањето месо, месни преработки, алкохолни пијалаци, масла, овошје и зеленчук, како и препакувањето храна со поминат рок на употреба.
Во Португалија биле запленети 10.000 литри растително масло кое се продавало како висококвалитетно девствено маслиново масло, додека во Канада биле откриени повеќе од десет тони мед фалсификуван со шеќерни сирупи.
Во Бугарија инспекторите заплениле речиси 36 тони храна без соодветни декларации и со поминат рок, а британските и италијанските власти откриле фалсификувано вино во вредност од речиси 600.000 евра.
Во Турција биле запленети 4.150 литри фалсификувано маслиново масло и 970.000 пакувани прехранбени производи, додека во Бразил биле откриени 90 тони фалсификуван шеќер и соја.
Дополнително, биле откриени нелегални додатоци во исхраната што содржеле недекларирани фармацевтски состојки, како и сериозни прекршувања на хигиенските стандарди во производствените капацитети.
Од Европол предупредуваат дека ваквите измами претставуваат сериозен ризик за јавното здравје, ја нарушуваат довербата на потрошувачите и предизвикуваат економска штета за компаниите што работат законски.








