Европските мориња ова лето достигнуваат исклучително високи температури, а во одредени области морската вода е и за повеќе од шест степени потопла од вообичаеното, покажува анализа на меѓународен тим истражувачи.
Температурите на површината на морето долж речиси сите европски брегови се повисоки од просекот за периодот од 1990 до 2020 година. Меѓу најпогодените подрачја се западниот Медитеран, Бискајскиот Залив и бреговите на Иберискиот Полуостров.
Научниците од мрежата World Weather Attribution ги анализирале температурите и ги споредиле со климатските модели за да утврдат колкаво влијание има глобалното затоплување.
Според нивните проценки, климатските промени ја зголемиле просечната температура на морето за околу два степени во Средоземното Море, за 1,4 степени во Бискајскиот Залив и долж западниот брег на Иберискиот Полуостров и за околу 1,3 степени во водите околу Ирска и западниот брег на Велика Британија.
Топлотни бранови зафатија огромен дел од европските брегови
Оваа година морските топлотни бранови погодиле околу 90 проценти од бреговите околу Бискајскиот Залив и Иберискиот Полуостров, како и околу 80 проценти од западниот Медитеран.
Истражувачите проценуваат дека без затоплувањето предизвикано од човековите активности, овие проценти би биле значително пониски.
Рекордно топлите мориња можат сериозно да влијаат и врз морскиот свет. Промените на температурата ги нарушуваат екосистемите и синџирите на исхрана, а одредени видови почнуваат да се појавуваат во области во кои претходно биле реткост.
Таков пример се октоподите во југозападна Англија, чиј број значително се зголемил од 2025 година. Станува збор за вид кој вообичаено се поврзува со потоплите води околу Северна Африка.
Научниците предупредуваат дека потоплите мориња можат да обезбедат и повеќе енергија и влага за одредени силни временски системи, со што се зголемува потенцијалот за екстремни врнежи и бури.








