ПРВ.мк
Свет

Грабеж каков што не се памети: Потрошиле 12 литри масло за да го исчистат крадецот

Грабеж каков што не се памети: Потрошиле 12 литри масло за да го исчистат крадецот

Необичен обид за грабеж во Киев завршил со апсење, но и со петчасовна „операција“ на полицијата за да го исчисти осомничениот од смола.

Станува збор за 26-годишен маж кој, според украинските медиуми, се премачкал со црна смола верувајќи дека така ќе се камуфлира во темнината и полесно ќе ограби супермаркет.

Инцидентот се случил ноќта меѓу 12 и 13 август во населбата Свјатошин во Киев.

Влегол во буре со смола за да стане „невидлив“

Според истрагата, мажот на блиско градилиште пронашол буре со смола и влегол во него, убеден дека црната боја ќе му помогне да остане незабележан.

Потоа со ногата ја скршил стаклената врата од супермаркетот и влегол внатре. Во кеса ставил цигари, сок, слатки, портокал, грејпфрут и влажни марамчиња.

Набргу бил забележан од обезбедувањето и побегнал.

Но, неговата ноќ продолжила уште побизарно. На пат кон дома, наводно фрлал камења кон прозорците на средно училиште, по што полицијата успеала да го пронајде и приведе. Кај него била пронајдена и кесата со украдените производи.

Пет часа го чистеле од смолата

По апсењето полицајците се соочиле со неочекуван проблем – осомничениот бил целосно прекриен со смола и не можеле веднаш да го однесат на испрашување.

Чистењето траело повеќе од пет часа, а според полицијата биле потрошени 12 литри масло и четири литри детергент, заедно со четки, за да се отстрани смолата.

Откако конечно бил исчистен, 26-годишникот бил приведен, а против него се води постапка поради сомнение за грабеж и хулиганство.

Украинската полиција на 14 август објавила и фотографии од необичниот случај.