Нов бран на поскапување на храната се очекува во следниот период, а најголем притисок би можеле да почувствуваат житните производи, особено пченицата.
Според анализите на британската „Оксфорд економикс“, глобалните цени на храната во 2026 година би можеле да пораснат за 11,8 проценти, а во 2027 година за дополнителни 4,8 проценти.
Тоа може директно да се одрази врз цените на лебот, тестенините и останатите производи од жито.
Екстремните температури и сушата во повеќе делови од Европа веќе го погодија земјоделското производство. Проценката за производство на жито во Европската Унија и Обединетото Кралство е намалена од 295,5 на 286,6 милиони тони, додека минатата година биле произведени околу 310 милиони тони.
Дополнителен проблем се зголемените производствени трошоци. Според проценките, цените на вештачките ѓубрива годинава би можеле да пораснат за 22 проценти, додека дизелот во јули бил за 36 проценти поскап во однос на истиот период минатата година.
Пченицата може да поскапи за 36 проценти
Особено чувствителна е пченицата, чие производство бара значителни количества вештачки ѓубрива. Проекциите покажуваат дека во третиот квартал од годинава нејзината цена би можела да биде дури 36 проценти повисока во споредба со истиот период лани.
Дополнителен притисок создаваат геополитичките конфликти и нарушувањата на транспортните рути. Русија и Украина заедно обезбедуваат речиси 30 проценти од светскиот извоз на пченица и повеќе од 10 проценти од извозот на пченка, па проблемите со пристаништата и пловидбата во Црното и Азовското Море имаат директно влијание врз глобалниот пазар.
Меѓу производите кај кои се очекува најголем притисок врз цените се житото, овошјето, зеленчукот и млечните производи. Како последица, поскапувањето може да се пренесе и врз лебот, сирењето, маслото и други преработени производи.
Кај свежата храна повисоките цени би можеле да се почувствуваат во следните два до три месеци, додека кај преработените производи ефектот се очекува со одложување. Според проценките, најсилниот ценовен притисок кај нив би можел да се почувствува од февруари до мај следната година.
Растот на светските цени може да се одрази и врз Македонија и регионот, особено кај производите за кои домашниот пазар зависи од увоз.







