ПРВ.мк
Македонија

ВНИМАНИЕ: Лажни СМС пораки за казни од „Безбеден град“ – МВР објасни како да ја препознаете измамата

ВНИМАНИЕ: Лажни СМС пораки за казни од „Безбеден град“ – МВР објасни како да ја препознаете измамата

Министерството за внатрешни работи предупредува на нови фишинг измами во кои граѓаните добиваат лажни пораки што изгледаат како да се испратени преку системот „Безбеден град“.

Во пораките наводно се известува за направен сообраќаен прекршок, а граѓаните се повикуваат преку приложен линк да извршат уплата. Од МВР предупредуваат дека станува збор за лажни линкови преку кои измамниците може да се обидат да дојдат до лични и банкарски податоци.

Од Министерството апелираат граѓаните да не отвораат сомнителни линкови и никогаш да не внесуваат броеви од банкарски картички, лозинки или други лични податоци преку непроверени страници. Се препорачува секогаш да се провери испраќачот и интернет-адресата на која води пораката.

МВР објасни и како треба да изгледа вистинското СМС известување за сообраќаен прекршок од системот „Безбеден град“.

Официјалната порака треба да пристигне од испраќач „MVR-SC“, задолжително да ја содржи регистарската ознака на возилото со кое е направен прекршокот, а официјалниот линк треба да започнува со „safecountry.mvr.gov.mk“.

Граѓаните кои ќе добијат сомнителна порака се повикуваат да не постапуваат според неа и да ја пријават кај надлежните институции или во својата банка доколку веќе споделиле банкарски податоци.