Цената на нафтата продолжува да расте на светските берзи поради зголемената неизвесност околу снабдувањето и состојбата во Ормутскиот теснец, еден од најважните поморски коридори за транспорт на енергенси.
Фјучерсите на „брент“ денеска достигнаа 91,89 долари за барел, додека американската WTI нафта се искачи на 86,11 долари. Станува збор за највисоки нивоа од крајот на јули.
Главната причина за нервозата на пазарите е неизвесноста околу пловидбата низ Ормутскиот теснец. Сообраќајот е значително забавен, а спротивставените информации дополнително ја зголемуваат загриженоста.
Американскиот претседател Доналд Трамп тврди дека теснецот е отворен, додека Иран инсистира дека пловниот пат останува затворен. Истовремено, засега нема позначителен напредок во дипломатските напори меѓу Вашингтон и Техеран.
Состојбата е особено важна бидејќи низ Ормутскиот теснец во нормални услови минува значителен дел од светската трговија со нафта. Подолготрајно нарушување на транспортот би можело дополнително да ги зголеми цените.
Дополнителен притисок создаваат и проблемите со руските испораки. Извозот од западните руски пристаништа во првата половина на август бил намален поради прекини во црноморското пристаниште Новоросијск.
Нафтата веќе бележи силен раст. Во вторникот „брент“ го заврши тргувањето на 91,02 долари за барел, додека WTI беше на 84,94 долари.
Доколку кризата околу Ормутскиот теснец продолжи, а дипломатските преговори не донесат решение, повторно се отвора прашањето дали цената на нафтата би можела да ја пробие границата од 100 долари за барел.
Таквото сценарио би можело да создаде дополнителен инфлациски притисок ширум светот, бидејќи поскапата нафта влијае врз трошоците за гориво, транспорт, производство и прехранбената индустрија.









