Германските безбедносни служби откриле професионално организирано скривалиште во шума на периферијата на Берлин, за кое постојат сомневања дека било поврзано со руските разузнавачки служби.
Информацијата ја објавиле германските јавни радиодифузери NDR и WDR, повикувајќи се на безбедносни извори и проценки на германските власти.
Според извештаите, германската домашна разузнавачка служба BfV смета дека скривалиштето можело да биде наменето за руски оперативци кои евентуално би добиле наредба од Москва за извршување напад на германска територија.
Скривалиштето било откриено уште минатото лето, откако германските власти добиле дојава за неговото постоење. При претресот биле пронајдени два пиштоли, што дополнително го привлекло вниманието на безбедносните служби.
Она што следело било необично: наместо веднаш да ја затворат локацијата, властите го онеспособиле пронајденото оружје, а на него поставиле GPS уреди.
На тој начин германските служби се обиделе да ја следат локацијата и да утврдат дали некој ќе дојде да го преземе оружјето.
И покрај следењето, никој не се појавил на местото. Поради тоа, според информациите од германските медиуми, скривалиштето во меѓувреме се смета за неактивно.
Сепак, самиот начин на кој било организирано скривалиштето предизвикал загриженост кај германските безбедносни служби. Според проценките, не станувало збор за случајно оставено оружје, туку за локација која била внимателно избрана и подготвена за потенцијална употреба.
Германските власти се сомневаат дека оружјето можело да биде поврзано со руски разузнавачки активности, но досега нема јавно објавени информации кои би покажале кој точно го поставил оружјето или за каква конкретна операција било наменето.
Дополнително, ниту германските власти ниту руската амбасада во Берлин досега не издале официјално соопштение во врска со овие наводи.
Случајот доаѓа во период на зголемена загриженост во Германија околу активностите на странските разузнавачки служби и можните операции на руски агенти на германска територија.







