Американски воени офицери изненадувачки се појавија како набљудувачи на заедничката воена вежба на Русија и Белорусија „Запад 2025“. Белорускиот министер за одбрана Виктор Хренин лично им порача дека „можат да видат сѐ што ги интересира“.
Вежбата се одвива на територија на Русија и Белорусија, како и во Балтичко и Баренцово Море, само еден ден по упадот на руски дронови во Полска. Москва и Минск инсистираат дека сценариото е „строго дефанзивно“ и дека нема закана за НАТО.
Белоруските власти признаа дека пристигнувањето на Американците било целосно изненадување. „Кој можеше да замисли дека вака ќе започне утрото на уште еден ден од ‘Запад 2025’?“, соопшти Министерството за одбрана.
На вежбата биле присутни претставници од 23 држави, меѓу кои и членките на НАТО – Турција и Унгарија. Министерството објави видео на кое се гледаат двајца американски офицери како се поздравуваат со Хренин и му се заблагодаруваат за гостопримството.
„Ќе ви покажеме сѐ што сакате. Можете да разговарате со војниците, да го видите секој дел од вежбата“, изјави Хренин.
Настанот се толкува како уште еден сигнал за затоплување на односите меѓу Вашингтон и Минск. Минатата недела, претставникот на Доналд Трамп, Џон Коул, се сретна со Александар Лукашенко, кој се согласи да ослободи 52 затвореници, меѓу нив и новинари и политички противници.
За возврат, САД делумно ги ублажија санкциите против авиокомпанијата „Белавија“, а Коул најави дека Трамп има намера повторно да ја отвори американската амбасада во Минск и да ги обнови економските врски.