Најмалку 20 лица се повредени кога во Холандија рано утрово се преврти автобус кој превезувал повеќе од 50 патници, главно ученици од Германија.
На патот А28 во близина на Везеп, автобусот излета од автопатот по судир со доставно комбе, пренесува холандскиот медиум „NOS“. Според локалните власти, автобусот одзади удрил во комбето за достава, по што морал да скрене и завршил превртен на бок од другата страна на патот.
Во автобусот се наоѓале повеќе од педесет луѓе, главно ученици од Германија.
Неколкумина од повредените се во тешка состојба
Осум лица се пренесени во болница со повреди, меѓу кои и возачот на доставното комбе. Некои од нив се во тешка состојба, информира полицијата.
Покрај повредените кои морале да бидат хоспитализирани, на лице место на голем број други патници им била укажана медицинска помош за полесни повреди.
Според портпаролот на полицијата, сите повредени се тинејџери.
Холандскиот портал „Destentor.nl“ наведува дека меѓу 40 и 45 ученици се полесно повредени. Во автобусот се наоѓале вкупно 54 ученици и четворица професори.
Противпожарникарите ги извлекувале децата низ покривот
Фотографиите објавени во холандските медиуми покажуваат дека противпожарникарите морале да ги извлекуваат учениците низ покривот на автобусот. Повредените главно задобиле исеченици од искршеното стакло.
По несреќата, автопатот А28 беше целосно затворен за сообраќај во двата правци.





