Соединетите Американски Држави му порачаа на украинскиот претседател Володимир Зеленски дека мора да го прифати мировниот план на Доналд Трамп за завршување на војната со Русија. Планот предвидува Украина да се откаже од дел од своите територии, вклучително и целиот Донбас, како и од одредено оружје, во замена за американски безбедносни гаранции против идна руска агресија, пренесува Ројтерс.
Изворите тврдат дека предлозите вклучуваат и намалување на бројот на припадници на украинските вооружени сили, а Вашингтон инсистира Киев да ги прифати главните точки од рамката. Овој предлог би бил голем чекор назад за Киев, кој се соочува со руски територијални придобивки и голем корупциски скандал во Владата.
Белата куќа одби да коментира, но висок украински функционер потврди дека Киев добил „сигнали“ за американските предлози што Вашингтон ги дискутира со Русија, без Украина да има активна улога во подготовката.
Сите овие случувања доведоа до најголем скок на цените на украинските државни обврзници во последните месеци. Напорите за оживување на мировните преговори добиваат на интензитет, иако Русија сè уште не покажала подготвеност за компромис.
Специјалниот американски пратеник Стив Виткоф веќе водел разговори со рускиот пратеник Кирил Дмитриев и со советникот на Зеленски, Рустем Умеров, а целта е да се подготви хармонизиран документ за евентуална средба меѓу Трамп и Путин во Будимпешта. Дмитриев истакна дека планот има поширока рамка која треба да обезбеди трајна безбедност во Европа, а не само во Украина.
















