Соединетите Американски Држави му сигнализирале на украинскиот претседател Володимир Зеленски дека Киев треба да ја прифати рамката што ја составиле САД за завршување на војната со Русија. Според извори на Ројтерс, предлозите вклучуваат откажување од дел од територијата на Украина и одредено оружје, како и намалување на големината на украинските вооружени сили.
Зеленски денес се сретна со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган со цел да ги „оживее“ преговорите со Русија, додека утре е закажан состанок со „тимот“ на Трамп од Пентагон. Во меѓувреме, се појавија информации дека Вашингтон води разговори со Русија за можни услови за мир.
Висок украински функционер потврди дека Украина „примила сигнали“ за американските предлози, но немала улога во нивната подготовка. Од последниот состанок во Истанбул во јули, Киев и Москва немаат водено директни разговори, додека руските сили продолжуваат со жестоки напади – само синоќа беа убиени 25 лица.
Зеленски останува фокусиран на воените напори и подготвен за „оживување на преговорите“ за постигнување „праведен мир за Украина“. Турција, членка на НАТО која одржува блиски односи со двете страни, беше домаќин на првата рунда мировни преговори во почетокот на војната во 2022 година, а сега САД започнуваат нова иницијатива предводена од Доналд Трамп.
Кремљ најави дека руските претставници нема да учествуваат во разговорите, но Путин е отворен за дискусии со САД и Турција за резултатите од нивните консултации.
Условите на Путин вклучуваат откажување на Украина од плановите за приклучување кон НАТО и повлекување од четири области што Москва ги смета за свои, барања кои Украина досега ги одбива.
Американската делегација, предводена од секретарот на армијата Ден Дрискол и генерал Ренди Џорџ, е во Киев на „мисија за утврдување факти“ и ќе се сретне со Зеленски за дискутирање на планот. Турските власти потврдуваат дека средбите ќе бидат само со Зеленски, без директно учество на американскиот специјален претставник Стив Виткоф.
















