ПРВ.мк
Свет

„РУСКАТА СЛУЖБА БАРАШЕ ОД МЕНЕ ДА ГО УБИЈАМ БИВШИОТ ДЕЧКО ВО СРБИЈА!“ - Членка на „Pussy Riot“ го откри пеколниот план на ФСБ!

„РУСКАТА СЛУЖБА БАРАШЕ ОД МЕНЕ ДА ГО УБИЈАМ БИВШИОТ ДЕЧКО ВО СРБИЈА!“ - Членка на „Pussy Riot“ го откри пеколниот план на ФСБ!

Поранешната членка на познатиот руски протестен колектив „Pussy Riot“, Маргарита Коновалова (попозната под уметничкото име Рита Флорес), излезе во јавноста со застрашувачка приказна за тоа како руската тајна служба ФСБ (FSB) во февруари 2023 година присилно ја регрутирала под закана за ликвидација на нејзиното семејство и кривично гонење.

Под тајниот псевдоним „Harley“, Коновалова повеќе од две години деловала како разразувачка агентка под надзор на агент по име Иван, пишува порталот Наша Нива.

Сè започнало со претрес на нејзиниот стан, кога агентите на ФСБ отворено ѝ се заканиле дека ќе „исчезне без трага“ поради нејзините објави за рускиот масакр во украинскиот град Буча.

Била одведена во тајна канцеларија каде под притисок потпишала договор за соработка. Нејзиниот прв задаток бил изработка на досиеја за руски и регионални современи уметници. Морала да собира податоци за нивното движење, навики, слабости и приватни контакти кои на службата би ѝ послужиле за уцени или покренување постапки.

За комуникација со надредениот добила посебен „чист“ мобилен телефон, додека на нејзиниот личен телефон бил инсталиран софтвер за надзор. За време на првата година, со агентот се среќавала речиси секојдневно.

Меѓу првите мети бил познатиот уличен уметник Philippenzo (Филип Козлов), кој денес живее во Вилнус. За да го прекине надзорот и да го заштити, Коновалова намерно предизвикала расправија со него и го прекинала контактот. Истата тактика подоцна ја користела и со други мети, како што е перформерот Павел Крисевич, кого ФСБ го следела поради финансирање на неговите акции.

Налог за убиство на поранешниот партнер

Најшокантниот настан го доживеала во летото 2025 година. ФСБ ѝ дала задача на Коновалова да помогне во убиството на Пјотр Верзилов, исто така поранешен член на „Pussy Riot“ и издавач на независниот медиум „Медиазона“, со кого некогаш била во врска.

Планот бил логистички разработен: Коновалова требало да го намами Верзилов во Србија и да го донесе во едно кафуле, каде што би го дочекале агентите на ФСБ.

Откако таа би го напуштила локалот, планирале да го киднапираат Верзилов и да го ликвидираат. За оваа акција ѝ била ветена награда од 12.000 до 36.000 долари.

Тоа беше точката од која нема враќање. Сфатив дека повеќе не е загрозен само мојот живот, туку дека се подготвени на сè, раскажа Коновалова.

Таа додаде дека агентите „стотици пати“ барале од неа и фотографии од куќата на Верзилов во Украина за да постават експлозив под неа.

Бекство од Русија во строга тајност

За да го избегне извршувањето на атентатот, Коновалова пред надредените се оправдала со тврдење дека новиот сопруг ѝ забранил да се среќава со други мажи.

Истовремено, тајно стапила во контакт со познатиот адвокат Дмитриј Захватов.

Иако во прв момент размислувале да ја прифатат задачата за да постават замка во Србија и да ги уапсат агентите на ФСБ, од планот се откажале поради преголемиот ризик по нејзиниот живот.

Захватов пред околу десет дена успеал во строга тајност да ја извлече Коновалова од Русија, без да открива детали од операцијата за бекство.

Коновалова наведува дека за својата работа во почетокот добила само еднократен надомест од 360 долари, додека во последната фаза примала месечна „плата“ од околу 600 долари.

Со својата приказна одлучила да излезе во јавноста за да ги предупреди другите и да им помогне на оние кои би можеле да се најдат на мета на присилна регрутација од страна на руската тајна служба.