Руски воен сателит во октомври се приближил на помалку од еден километар до комерцијален сателит на финска компанија, предизвикувајќи сомнежи дека Москва можеби тестира тактики за напади врз западни сателити што ги користи Украина.
Станува збор за рускиот воен сателит „Космос 2612“ и сателитот „X36“ на финската компанија ICEYE, кој се користи за радарско набљудување на Земјата, вклучително и за потребите на украинските и западните одбранбени структури.
Според експертите, ова е едно од најблиските познати приближувања меѓу руски воен и комерцијален сателит во ниската Земјина орбита.
„Изгледаше како проба за напад“, изјавил за Ројтерс Грег Гилингер, аналитичар во американската компанија Integrity ISR.
Тој смета дека толку блиско приближување не е неопходно за обично набљудување или собирање разузнавачки информации.
Некои аналитичари проценуваат дека растојанието меѓу двата сателита во одреден момент изнесувало само неколку стотици метри.
По инцидентот, рускиот сателит се оддалечил околу 400 километри од финскиот.
Дополнителна загриженост предизвикуваат информациите дека уште два руски сателита се приближуваат кон орбитата на друг сателит на ICEYE, означен како „X37“.
Сепак, дел од воените експерти предупредуваат дека самото приближување не претставува доказ за подготовка на напад, бидејќи ваквите маневри можат да служат и за набљудување или електронско попречување.
Руското Министерство за одбрана не одговорило на барањето за коментар од Ројтерс.
Москва претходно предупредуваше дека западните комерцијални сателити што ѝ помагаат на Украина би можеле да станат воени цели.









