Жителите и туристите во Париз од денеска добија можност да се капат во реката Сена, откако локалните власти ја укинаа забраната која важеше повеќе од еден век, јави агенцијата ДПА.
Во градот се поставени три базени на реката Сена: еден близу Ајфеловата кула, втор во близина на катедралата Нотр Дам и третиот спроти Националната библиотека на Франција. Овие базени се опремени со соблекувални и тушеви, а ќе бидат и под постојан надзор на спасувачи, нудејќи и простор за сончање. Пристапот е бесплатен, но е ограничен само на лица кои знаат да пливаат, а базените ќе бидат отворени целото лето, при што квалитетот на водата ќе биде континуирано следен.
Француската министерка за спорт, Мари Барсак, во мај најави: „Од ова лето, сите ќе имаат можност да пливаат во Сена.“ Градоначалничката на Париз, Ан Идалго, потенцираше дека оваа иницијатива е дел од обидите да се подобри квалитетот на животот во градот, особено поради очекуваното зголемување на летните температури како последица на климатските промени.
Официјалната забрана за капење во реката Сена беше воведена во 1923 година. Сена, исто така, беше и местото каде што се одржаа натпреварите во триатлон и пливање на отворени води на Олимписките игри во Париз во 2024 година, по инвестирање од над една милијарда евра во подобрување на квалитетот на водата.