Основното јавно обвинителство Скопје отвори истражна постапка против 31-годишен возач на автомобил „Ауди А4“, осомничен за тешка сообраќајна несреќа во која загина 19-годишен мотоциклист.
Според Обвинителството, осомничениот се товари за кривично дело „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“.
Во соопштението се наведува дека возачот синоќа управувал возило по булеварот „Никола Карев“ и при пристигнување на крстосницата со улицата „Прохор Пчињски“ не ја почитувал сообраќајната сигнализација. Тој на удвоена полна линија навлегол во лентите за возила од спротивната насока и свртел лево на крстосницата.
Дополнително, од Обвинителството информираат дека возачот бил под дејство на наркотична дрога, што претставува прекршување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Во несреќата, автомобилот „Ауди А4“ со предниот дел удрил во мотоцикл „БМВ“ управуван од 19-годишниот М.Ф., а во задниот дел на автомобилот удрил и мотоцикл „Хонда ХДВ“ кој се движел во иста насока.
Од силината на ударот, мотоциклистот се здобил со тешки повреди и бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“, каде подоцна им подлегнал на повредите.
Јавниот обвинител доставил предлог за притвор поради опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци и ризик од повторување на делото.
Несреќата се случи на крстосницата меѓу булеварот „Никола Карев“ и улицата „Прохор Пчињски“, по што возачот беше лишен од слобода по наредба на обвинителството.






