Бројот на потврдени случаи на заболени од ебола во Демократска Република Конго се зголеми на 1.333 лица, вклучувајќи и 399 смртни случаи, покажуваат најновите податоци на владата на таа земја.
Најновиот извештај ги опфаќа случаите на заболени од ебола кои се официјално потврдени заклучно со вторникот. Според информациите кои ги пренесе Ројтерс, сите случаи на заболени се регистрирани во источните провинции на Конго – Итури, Северен Киву и Јужен Киву.
Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус, изјави дека ризикот од понатамошно меѓународно ширење на болеста надвор од жариштето за сега е оценет како низок, но нагласи дека ситуацијата бара будно и внимателно следење.








