ПРВ.мк
Свет

Пронајдени 120 млади мажи во масовна гробница – што им се случило?

Пронајдени 120 млади мажи во масовна гробница – што им се случило?

Археолозите го завршија ископувањето на мистериозна масовна гробница во Рансхофен, во близина на Браунау во Австрија, каде што се пронајдени остатоци од околу 120 луѓе.

Досегашните анализи покажале нешто необично – сите испитани скелети им припаѓале на млади мажи на возраст меѓу 15 и 25 години.

Радиојаглеродното датирање покажува дека починатите биле погребани во периодот меѓу 1723 и 1813 година, што ја отвора можноста дека станува збор за луѓе поврзани со Наполеоновите војни.

Откритието било направено сосема случајно, откако дете забележало човечки коски додека си играло на градилиште. Полицијата била известена, а набргу започнало големо археолошко истражување.

Пронајдени биле шест големи гробни јами и неколку поединечни гробови. Во некои од нив имало по 20 до 25 тела, а дел од скелетите биле пронајдени свртени на стомак.

Дополнителна трага е состојбата на коските. Кај дел од починатите биле откриени знаци на долготрајна неухранетост, додека била пронајдена и ампутирана нога. Начинот на кој била извршена ампутацијата укажува на медицинска интервенција, поради што археолозите ја разгледуваат можноста во близина да функционирала воена болница.

Локацијата дополнително ја поттикнува теоријата за поврзаност со Наполеоновите војни. Гробницата се наоѓа во близина на историскиот „Француски крст“, поврзан со настаните од тој период.

Сепак, засега нема доказ дека починатите биле француски војници. Натамошните ДНК анализи би можеле да откријат од каде потекнувале.

Меѓу останките археолозите пронашле и прстен и две бронзени иглички. Прстенот се реставрира, а научниците се надеваат дека евентуална гравура би можела да помогне во откривањето на идентитетот на барем еден од починатите.