Од полноќ, Полска официјално воведува гранични контроли на својата западна граница со Германија, во обид да го спречи растечкиот прилив на мигранти. Потегот доаѓа како директен одговор на долгогодишниот притисок и рестриктивните мерки на Берлин, кој уште од октомври 2023 година спроведува засилени проверки на границата со Полска.
Контролите ќе бидат насочени кон автобуси, комбиња и возила со затемнети стакла, при што ќе се проверуваат документите на возачите и патниците, како и нивниот багаж. Според изјавата на портпаролот на граничната полиција Конрад Швед, нема да има физички бариери, но ќе бидат поставени сообраќајни знаци и ќе се стеснат лентите за да се олесни контролата.
Инспекциите ќе се вршат и на литванската граница, додека властите ветуваат дека ќе внимаваат да не го попречуваат секојдневието на жителите од пограничните региони, особено оние кои патуваат за работа.
Овој чекор ја влошува и онака напнатата динамика меѓу Варшава и Берлин, особено по најавите од новиот германски министер за внатрешни работи Александар Добриндт, кој веќе најави заострување на азилантската политика и можност за враќање на баратели на азил уште на самата граница со Полска.
Додека двете држави тврдат дека целта е да се спречи нерегуларната миграција, аналитичарите предупредуваат дека повторното воведување на контроли на шенгенските граници ја разнишува една од клучните придобивки на Европската Унија – слободното движење. Останува отворено прашањето: дали се ближи крајот на отворените граници во ЕУ или станува збор за краткорочен политички маневар во пресрет на есенските избори во двете земји?