Оставањето бакшиш, кое досега најчесто беше поврзано со ресторани, кафулиња и достава на храна, би можело да стане дел и од купувањето во продавниците. Во Германија веќе се тестира систем што им овозможува на клиентите доброволно да остават бакшиш за вработените при плаќање со картичка.
Според трговските здруженија, целта е да се награди дополнителниот ангажман на продавачите, како што се помошта при избор на големина, носење производи од магацин или давање совети за користење и одржување на производите.
Во одредени продавници за обувки, како Aktiv Schuh и Shoe City, оваа опција веќе е достапна. По плаќањето со картичка, терминалот ги прашува купувачите дали сакаат да остават доброволен бакшиш, а собраните средства потоа се распределуваат меѓу вработените.
Сепак, идејата не наиде на голема поддршка. Истражување на YouGov покажува дека само околу една четвртина од граѓаните би оставиле бакшиш во продавница, додека мнозинството не ја поддржува оваа практика.
Поголемите малопродажни синџири, меѓу кои Galeria, Bauhaus, H&M и Deichmann, засега немаат планови да воведат ваков систем. Тие сметаат дека особено во супермаркетите и дисконтите, каде што брзината на услуга е важна, ваквата практика би го забавила процесот на плаќање.
Критики пристигнуваат и од синдикатите и организациите за заштита на потрошувачите. Тие предупредуваат дека компаниите не треба одговорноста за подобри примања на вработените да ја префрлаат врз купувачите. Дополнително, се посочува дека опциите за бакшиш што се појавуваат на терминалите можат да создадат чувство на притисок кај клиентите, особено ако копчето за одбивање не е јасно прикажано.







