Тројца луѓе се пронајдени мртви, а речиси 20 припадници на итните служби се ставени во карантин по изложеноста на неидентификувана супстанција, откако биле повикани во рурална куќа во Ново Мексико поради сомнение за предозирање со дрога, соопштија властите.
Полицијата на сојузната држава Ново Мексико соопшти дека три од четирите лица кои биле пронајдени во бесвесна состојба во куќа источно од Албукерки починале, додека четвртото лице е згрижено во болница во Албукерки, пренесува АП (AP).
За време на интервенцијата, властите соопштија дека 18 припадници на итните служби биле изложени на супстанцијата и почнале да чувствуваат симптоми како мачнина и вртоглавица.
Сите припадници се пренесени во Универзитетската болница во Ново Мексико, каде што се под надзор во карантин, додека двајца припадници на итната служба се во тешка состојба, соопшти полицијата на Ново Мексико.
Противпожарно-спасувачките служби за опасни материјали од Албукерки помагале на лице место во Маунтинер, рурална заедница, во напорите да се идентификува супстанцијата.
„Во моментов, истражителите веруваат дека супстанцијата може да се пренесе преку контакт и не веруваат дека се пренесува по воздушен пат“, се наведува во соопштението, каде што се додава и дека нема закана за јавноста, како и дека околу куќата е поставен безбедносен периметар.
Се сомнева на дрога
Според зборовите на шерифот на округот Торенс, Дејвид Фрејзи, најмалку едно лице било реанимирано со помош на наркан – лек кој се користи за спасување лица кои се предозирале со опијати.
– Очигледно е дека вдишале некои токсини или нешто слично – рече Фрејзи.
Питер Нието, градоначалникот на Маунтинер, изјави дека првите екипи на итните служби кои пристигнале на лице место и имале директен контакт со лицето кое починало, почувствувале вртоглавица, главоболка и мачнина, пишува „Индипендент“ (The Independent). Тој напиша дека, иако точната причина за инцидентот не е позната, сè укажува на употреба на наркотици.










