Осум припадници на американската морнарица распоредени во ударната група на носачот на авиони „УСС Абрахам Линколн“ се обиделе да си го одземат животот за време на продолжената мисија на Блискиот Исток, во која биле вклучени и борбени операции против Иран.
Информацијата била наведена во писмо од вршителот на должноста секретар на американската морнарица Ханг Цао до сенаторката Кирстен Гилибранд. Според документот, за време на мисијата немало смртни случаи како последица на самоубиство, а осумте регистрирани обиди се однесувале на персонал од повеќе бродови и единици во ударната група.
Во составот на групата биле распоредени меѓу 6.000 и 7.000 морнари на приближно шест бродови. Носачот „Абрахам Линколн“, кој бил распореден од ноември, сега се враќа во САД.
Семејствата на дел од морнарите изразиле загриженост за нивната психолошка состојба и условите за време на долгата мисија. Американски воен претставник за Си-Ен-Ен оценил дека осум обиди претставуваат невообичаено висок број, посочувајќи дека вообичаено во слични мисии се регистрирале еден или два случаи годишно.
Како дополнителен проблем се наведува и големиот притисок поради борбените операции, постојаната готовност и недостигот од вообичаен одмор во пристаништата.
Во писмото било потврдено и дека на почетокот на август еден морнар паднал во морето, но бил брзо извлечен и му била укажана медицинска помош. Во друг случај во март, морнар кој се обидел да скокне во морето бил спречен од своите колеги.
Од Морнарицата наведуваат дека на бродот се достапни дополнителни професионалци за ментално здравје и поддршка на екипажот.
Сенаторката Гилибранд упати критики до администрацијата на претседателот Доналд Трамп, оценувајќи дека условите во кои служат војниците и нивната благосостојба мора да добијат поголемо внимание.








