Данската воена разузнавачка служба (FE) објави нова проценка на безбедносната закана од Русија, предупредувајќи дека во наредните месеци Москва би можела дополнително да ги засили хибридните активности насочени кон НАТО и западните земји. Официјалната проценка е објавена денеска, 24 септември.
Според данското разузнавање, постои „низок, но растечки ризик“ Русија да изврши ограничен воен напад врз една или повеќе членки на НАТО кои граничат со Русија, дури и додека трае војната во Украина. Службата наведува дека вакво сценарио би можело да се случи во наредните месеци.
Како можни сценарија се наведуваат изолирани удари со беспилотни летала или ракети врз инфраструктура што се користи за поддршка на Украина, како и ограничени операции со мал број војници без национални обележја. Во проценката се разгледува и можноста за операции под „лажно знаме“, при што одговорноста би била префрлена врз Украина.
Данската служба очекува засилување и на хибридните активности, меѓу кои деструктивни сајбер-напади врз критична инфраструктура и саботажи кои би можеле да носат висок ризик од човечки жртви. Проценката е дека ваквите активности би можеле да станат почести и да имаат посериозни последици од досегашните.
Сепак, данското разузнавање прави јасна разлика меѓу ограничен напад и целосна воена инвазија. Во моментов нема индикации дека Русија подготвува инвазија од големи размери врз членка на НАТО, а таквото сценарио се оценува како „многу малку веројатно“, иако повеќе не се исклучува целосно. Според проценката, доколку Москва донесе одлука за таква операција, би ѝ биле потребни најмалку шест месеци за подготовка и распоредување на потребните сили.
Во меѓувреме, НАТО го засилува споделувањето разузнавачки информации меѓу сојузниците. Врховниот командант на НАТО во Европа, американскиот генерал Алексус Гринкевич, изјави дека случувањата се загрижувачки, но нагласи дека Алијансата треба да реагира смирено и дека располага со капацитети за справување со заканите.








