Српската инфлуенсерка и угостителка Кристина Кика Живковиќ јавно проговори за тешкото насилство кое, според нејзините тврдења, го преживеала од поранешниот партнер. Таа претходно објави вознемирувачка снимка од физички напад, а сега во телевизиско гостување раскажа детали за она што, како што тврди, се случувало зад затворени врати.
Живковиќ вели дека нападот се случил на 31 мај околу три часот по полноќ. Во моментот не знаела дека постои снимка од инцидентот, а тврди дека ја добила дури на 15 јуни, додека била во болница, кога ѝ ја испратил поранешниот партнер преку „Вибер“.
Според нејзиното сведоштво, по нападот пред хотелот била внесена во апартманот, каде насилството продолжило. Таа тврди дека во еден момент се разбудила на софата, а следниот ден била врзана со лисици за кревет.
„Ме врза за креветот со лисици, ме удираше со дрвен предмет, палка и пиштол по главата, додека пиштолот беше вперен кон мене“, изјавила Живковиќ, опишувајќи го она што, според неа, го преживеала.
Таа тврди дека поради повредите не можела нормално да гледа и дека два дена чекала можност да избега. Во еден момент успеала да излезе од хотелот со намера да побара помош.
Особено необичен дел од нејзиното сведоштво се однесува на мајката на поранешниот партнер. Кика тврди дека таа ги однела на гробот на неговиот татко, каде тој требало да се заколне дека повеќе нема да ја тепа.
Според нејзините зборови, подоцна истата ноќ, откако партнерот заспал, успеала да побегне. Два дена подоцна завршила во болница, каде што, како што вели, добила сепса и била во животна опасност. Во Клиничкиот центар во Белград поминала 15 дена.
Живковиќ вели дека по преживеаното побарала помош од психолог и психијатар и нагласува дека разговорите со стручни лица ѝ помагаат во закрепнувањето.
Според нејзините изјави, врската траела околу шест години, а насилството наводно започнало во последните две и пол години. Таа случајот го пријавила во полиција и тврди дека на надлежните им ги предала доказите со кои располага.
Кика наведува и дека по прекинувањето на врската продолжиле заканите и вознемирувањето, вклучително и објавување нејзини приватни фотографии преку лажен профил. Станува збор за нејзини тврдења, а случајот е пријавен кај надлежните институции.







