Во близина на минхенскиот аеродром е приметено опасно диво животно кое слободно се движи, поради што надлежните ги повикаа граѓаните на максимална внимателност.
– Според првичните проценки на експертите, најверојатно станува збор за пума – потврди портпаролката на окружните власти во Ердинг.
Животното било забележано во ноќта меѓу вторникот и средата, додаде портпаролката на округот на барање на весникот „Билд“.
Максимална внимателност
Оваа голема мачка е забележана во резерватот на природата Ноцингермос во општината Обердинг, на само неколку километри од аеродромот во Минхен. Сè уште не се знае од каде пристигнало животното, но надлежните напоменуваат дека во тој регион во моментов гостува еден циркус.
Надлежните служби ги повикуваат граѓаните на максимална внимателност. Властите предупредуваат дека децата не треба да играат надвор без надзор, додека кучињата задолжително мора да бидат на поводец. Секој што ќе го забележи животното во никој случај не смее да му приоѓа, туку веднаш треба да ја извести полицијата или окружната управа, пишува „Билд“.
Нападите можат да бидат фатални
Пумите инаку живеат на американскиот континент, и тоа на просторот од Северна па сè до Јужна Америка. Важат за плашливи животни кои главно избегнуваат средба со луѓето. Нападите врз луѓето се исклучително ретки, но кога ќе дојде до нив, можат да бидат опасни по живот.
Мажјаците на пумата можат да тежат до 75 килограми, а женките до 48 килограми, со должина на телото од 150, односно 130 сантиметри. Во зависност од регионот, бојата на крзното варира од жолтеникаво-кафеава и црвенкаста до сребреносива – поради што често ги нарекуваат и „сребрен лав“.







