ПРВ.мк
Македонија

ВАЖНИ ИНФОРМАЦИИ ЗА ВАКЦИНИТЕ: Се очекуваат вакцините против грип, БЦЖ е безбедна за бебињата!

ВАЖНИ ИНФОРМАЦИИ ЗА ВАКЦИНИТЕ: Се очекуваат вакцините против грип, БЦЖ е безбедна за бебињата!

За да се разјаснат дилемите во јавноста, надлежните дадоа прецизни одговори на двете најактуелни прашања кои ги засегаат граѓаните – безбедноста на БЦЖ вакцините за бебињата и процесот на набавка на бесплатните вакцини против сезонски грип.

БЦЖ вакцина: Нема регистрирано несакани ефекти, вакцинацијата продолжува со поддршка од УНИЦЕФ

Вакцини од истиот производител кој се користи кај нас се применуваат во сите земји од регионот. Во врска со информациите од Хрватска, каде што за несакани ефекти беа под сомнение две серии (бр. 6831 од 2022 и бр. 807-1 од 2023 година кои беа искористени до летото), кај нас нема ниту еден документиран таков случај.

И покрај тоа, во тек се дополнителни анализи бидејќи здравјето на децата бара потполна сигурност, а резултатите ќе бидат јавно објавени веднаш по завршувањето. Вакцинацијата продолжува непречено со вакцина произведена во Јапонија и обезбедена со поддршка на УНИЦЕФ. До родителите се упатува апел да не ги одложуваат редовните детски вакцини, кои претставуваат најсигурна заштита.

Вакцини против грип: И покрај глобалното доцнење, вакцинацијата наскоро започнува

Оваа година Светската здравствена организација (СЗО) ги промени сите три соја на вакцината одеднаш, што е редок случај кој предизвика глобално доцнење во производството. Поради ова, во повеќе европски земји вакцинацијата ќе започне дури во ноември.

Иако првичниот тендер во земјава остана без понудувач, веднаш се преземени алтернативни чекори за обезбедување на количините. Веќе се обезбедени или се во постапка 56.000 од планираните 80.000 дози, кои ќе пристигнат најдоцна до 15 ноември.

Целта на надлежните е вакцинацијата да започне во истиот временски рамки како и претходните три години (помеѓу 16 и 25 октомври). Вакцината е бесплатна за лица над 65 години, хронично болни, бремени жени и здравствени работници, а граѓаните наскоро ќе бидат известени за точниот термин и начинот на закажување.