Пожар избил во село Горно Соње, скопско, при што биле опожарени викенд-куќа и трева. Според информациите од МВР, најверојатно причина за пожарот бил жар што останал во пепелот од ќумбето.
Случајот бил пријавен во полицијата околу 19:50 часот. Полициски службеници од СВР Скопје излегле на местото и извршиле разговор со 74-годишниот Д.М., сопственик на викенд-куќата.
Тој објаснил дека со сопругата подготвувале зимница, односно правеле ајвар. По завршувањето, пепелот од ќумбето го истуриле во близина на куќата, при што во него најверојатно имало преостанат жар. Потоа го напуштиле местото, по што избил пожарот.
Во пожарот била зафатена викенд-куќата, како и тревната површина во околината.
Нема повредени лица. Пожарот бил изгаснат од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје.






