Северна Кореја упати остри критики кон Европската Унија поради новиот нацрт на резолуција во Обединетите нации, со кој се осудува состојбата со човековите права во земјата.
Пјонгјанг го оцени потегот на Брисел како „политички мотивирана провокација“, обвинувајќи ја Европската Унија дека намерно ја искривува вистинската состојба во Северна Кореја.
„Европската Унија повторно поднесе нацрт-резолуција со која отворено се искривуваат политиката и состојбата со човековите права во Демократска Народна Република Кореја“, се наведува во соопштението на севернокорејската мисија при ОН.
Севернокорејските власти порачаа дека „човековите права не се монопол на Западот“, посочувајќи ги протестите и социјалните проблеми во европските градови.
Според Пјонгјанг, од Париз до Брисел граѓаните протестираат барајќи основни права, вклучително и право на егзистенција.
„На Европската Унија би ѝ било подобро да си ја гледа својата работа, наместо да преувеличува непостојни проблеми со човековите права“, порачаа севернокорејските власти.
Од друга страна, Обединетите нации со години предупредуваат на сериозни прекршувања на човековите права во Северна Кореја, вклучително и постоење затворски логори, ограничување на слободата на говор и строг надзор врз населението.
Генералното собрание на ОН од 2005 година секоја година усвојува резолуции со кои се осудуваат прекршувањата на човековите права во Северна Кореја.
Новиот нацрт се очекува да биде разгледан и усвоен во текот на ноември од Третиот комитет на Генералното собрание, по што ќе биде доставен на конечно одобрување.









