ПРВ.мк
Свет

„ЊУЈОРК ТАЈМС“ ДОЈДЕ ДО ТАЕН ДОКУМЕНТ: Откриено што бара Путин за да заврши војната во Украина

„ЊУЈОРК ТАЈМС“ ДОЈДЕ ДО ТАЕН ДОКУМЕНТ: Откриено што бара Путин за да заврши војната во Украина

Русија повторно бара НАТО да ги повлече своите воени сили и бази на позициите што ги имал во 1997 година, пред проширувањето кон Централна и Источна Европа.

Ова го открива неофицијален руски документ до кој дошол американскиот весник „Њујорк тајмс“, а кој бил доставен за време на затворените мировни преговори во Абу Даби.

Документот, датиран на 10 ноември, покажува дека Москва во голема мера ги повторува барањата од декември 2021 година, непосредно пред почетокот на руската инвазија врз Украина.

Едно од најважните барања е повлекување на военото присуство на НАТО од источниот дел на Алијансата, што би имало сериозни последици за земји како Полска, Естонија, Латвија и Литванија.

Русија дополнително бара запирање на проширувањето на НАТО и прекин на воените активности во Украина, Источна Европа, Јужен Кавказ и Централна Азија.

Според документот, Москва инсистира и на целосен прекин на испораките на западно оружје и воена опрема за Украина.

Особено внимание привлекува барањето за ограничување на нуклеарната заштита на европските држави.

Покрај американските аранжмани за нуклеарно одвраќање, Русија бара и Франција и Велика Британија да ја исклучат можноста своето нуклеарно оружје да го користат за заштита на други европски земји.

Москва би прифатила членство на Украина во Европската Унија само доколку таа не учествува во заедничката одбранбена политика.

Според извори запознаени со преговорите, руските претставници го посочиле периодот на Студената војна и поделбата на Европа на сфери на влијание како можен модел за идниот безбедносен поредок.

Барањата предизвикаа остри реакции во Европа.

Полскиот премиер Доналд Туск предупреди дека нивното прифаќање би претставувало директна закана за безбедноста на Полска.

Американските претставници Џаред Кушнер и Стив Виткоф во меѓувреме ги продолжија дипломатските разговори со Москва и Киев.

Засега не е постигнат договор, а документот претставува почетна преговарачка позиција на Русија, а не усогласено решение.