ПРВ.мк
Балкан

„НЕ МОЖАМ НИШТО ДА ЗБОРУВАМ ПО ТЕЛЕФОН“: Објавени аудиоснимки со Ива Михаилова, се бара истрага за бугарската тајна служба

„НЕ МОЖАМ НИШТО ДА ЗБОРУВАМ ПО ТЕЛЕФОН“: Објавени аудиоснимки со Ива Михаилова, се бара истрага за бугарската тајна служба

Нови сериозни обвинувања ја потресоа бугарската јавност откако новинарот Станислав Цанов објави видеоматеријал со аудиоснимки од разговори со Ива Михаилова, која тврди дека била изложена на закани и психички притисоци од претставници на бугарската Државна агенција за национална безбедност (ДАНС).

Според објавените разговори, Михаилова тврди дека ѝ било наложено прво да гостува кај бугарскиот новинар Мартин Карбовски, иако претходно имала договорено интервју со Цанов.

Таа наведува дека непочитувањето на овие инструкции можело да доведе до прекинување на финансиската поддршка за нејзината рехабилитација и правна помош.

„Ми рекоа дека ако не снимам прво кај него, нема да ја добијам рехабилитацијата што ми е потребна“, вели Михаилова во објавениот разговор.

Според нејзините тврдења, претставници на службите сакале да контролираат каде ќе гостува и какви прашања ќе ѝ бидат поставувани.

Таа изнесува и обвинување дека службите имале влијание врз новинарот Карбовски, но за ова тврдење засега нема независна потврда.

„Беше доста тежок психички притисок. Има работи што не сакаат да ги кажувам“, наведува Михаилова.

Објавените снимки предизвикаа реакции и во бугарските политички кругови.

Претставниците на „Демократска Бугарија“, Божидар Божанов и Ивајло Мирчев, побараа проверка на наводите и утврдување евентуална одговорност на претставници на ДАНС.

Во меѓувреме, против Михаилова во Македонија се води судска постапка за сообраќајна несреќа на патот Штип–Кочани, во која загина 33-годишниот Бесим Дурмиши.

Михаилова ја негира вината, а по нејзиното заминување во Бугарија, судската постапка продолжи во нејзино отсуство.

Македонското обвинителство претходно нагласи дека случајот се однесува на сообраќајна несреќа, а не на националната припадност на обвинетата.

Автентичноста и целосниот контекст на аудиоснимките, како и обвинувањата против бугарските служби, засега не се независно потврдени.