Студентската листа во Србија најави крупни промени во начинот на вработување во државните институции и јавните претпријатија, со цел, како што велат нејзините претставници, да се стави крај на партиските вработувања.
Според најавите, стручноста, квалификациите и транспарентните јавни конкурси треба да станат основни критериуми за добивање работа во јавниот сектор.
На прес-конференција во Крагуевац, адвокатот и претставник на Студентската листа, Стефан Стевановиќ, порача дека политичката припадност не смее да биде пресудна при вработувањето.
„Сите што се вработени и ги поседуваат потребните стручни квалитети, без оглед на партиската припадност, не треба да се грижат. Но оние што се вработени единствено врз основа на партиска книшка треба да знаат дека нема недопирливи“, изјави Стевановиќ.
Студентската листа најавува и преиспитување на вработувањата во државните институции и јавните претпријатија, особено во случаите кога постои сомнеж дека работните места биле отворени без реална потреба.
Една од предложените мерки е ограничување на вршителите на должност на раководни позиции на најмногу шест месеци, како и задолжителни јавни конкурси за директорските места.
Експертот за трудово право Марио Рељановиќ најави дека дел од реформите би опфатиле и враќање на работа на лицата што, според неговите тврдења, биле отпуштени поради поддршка на студентските и граѓанските протести.
Професорот Зоран Стојиљковиќ посочи дека е потребна и економска анализа на јавниот сектор, за да се утврди дали постоела вистинска потреба за одредени вработувања.
Од Студентската листа нагласуваат дека целта не е автоматско отпуштање на луѓе поради нивната политичка припадност, туку воспоставување систем во кој работните места ќе се добиваат според знаење и способности.
Засега станува збор за најавени мерки, чија реализација ќе зависи од формирањето на новата влада и спроведувањето на потребните законски и институционални промени.







