Вистински хаос настана во воздушниот сообраќај во Соединетите Американски Држави, откако Федералната управа за авијација (FAA) во петокот, 13 ноември, нареди привремено запирање на речиси сите полетувања од американските аеродроми.
Забраната траеше повеќе од четири часа, а илјадници патници останаа заглавени на аеродромите низ земјата.
Причината бил сериозен технички проблем во телекомуникацискиот систем што го користи американската контрола на воздушниот сообраќај.
Според американскиот министер за транспорт Шон Дафи, застарените мрежни уреди биле преоптоварени со податоци, што предизвикало нестабилност во комуникациите и радарските информации.
Најновите информации укажуваат дека проблемот настанал при рутинска модернизација на телекомуникациската инфраструктура.
Компанијата L3Harris вршела замена на стара бакарна комуникациска линија со оптичка, а при инсталирањето на нов рутер дошло до преоптоварување на мрежата.
Проблемите ги погодиле комуникациите во 17 од вкупно 22 регионални центри за контрола на летањето, иако ниту еден центар не останал целосно без комуникација.
Поради безбедносни причини, FAA одлучила да ги запре новите полетувања, додека авионите што веќе биле во воздух продолжиле со безбедно слетување.
Последиците биле огромни.
Според податоците објавени од „Ројтерс“ на 14 ноември, во петокот биле откажани околу 9.200 летови, а во саботата до попладневните часови уште повеќе од 5.300. Илјадници други летови доцнеле.
Американските власти соопштија дека нема индикации оти станува збор за сајбернапад.
И покрај шпекулациите за можна поврзаност со Иран или новите системи со вештачка интелигенција, засега нема докази што ги потврдуваат таквите теории.
Министерот Дафи побара дополнителни 50 милијарди долари за модернизација на американската контрола на воздушниот сообраќај.
Воздушниот простор повторно е отворен, но се очекува последиците од прекинот да се чувствуваат и во текот на неделата.
Точната причина за техничкиот дефект сè уште се истражува, а надлежните проверуваат дали станува збор за човечка грешка или неисправна опрема.








