На брегот на Јадранското Море, во Игало, недалеку од Херцег Нови во Црна Гора, се наоѓа една од најинтересните резиденции на поранешниот југословенски претседател Јосип Броз Тито.
Станува збор за вилата „Галеб“, изградена во 1976 година, која се простира на околу 5.500 квадратни метри и е опкружена со парк од приближно 75.000 квадратни метри.

Импозантниот објект бил изграден за само шест и пол месеци, според проектот на архитектот Милорад Петијевиќ.
Во вилата се наоѓаат приватните апартмани на Тито и Јованка, работен кабинет, сали за состаноци, простории за прием на државни гости, како и атомско засолниште.

Но, најголемо внимание привлекуваат необичните безбедносни системи и луксузните содржини.
Една од најинтересните приказни е поврзана со специјална рипка која служела за проверка на квалитетот на водата.

Според сведоштвото на Ален Филиповиќ од Институтот „Д-р Симо Милошевиќ“, една недела пред доаѓањето на Тито, во посебна комора била поставувана рипка која можела да преживее само во чиста вода.
Доколку водата била загадена, рипката би угинала и би паднала на решетка, со што би се активирал аларм и би се прекинал доводот на вода во објектот.

Вилата располага и со необичен базен со подвижно дно, чија длабочина можела да се приспособува според потребите.
Дополнително, базенот можел да се полни со три вида вода – обична, минерална и морска.

Посебен луксуз имало и во приватната бања на Тито, каде што бил користен син мермер од Бразил.
Таму се наоѓала и специјална столица за бричење со пепелник, која Тито ја користел додека пушел кубански пури.

Иако вилата била изградена специјално за него, Тито официјално престојувал во неа само четири пати. Првпат пристигнал на 25 јануари 1977 година, заедно со сопругата Јованка.


По неговата смрт, резиденцијата долго време била затворена, а на 2 јуни 2014 година првпат официјално ги отворила вратите за посетителите.


Денес вилата „Галеб“ претставува туристичка атракција, каде што посетителите преку организирани обиколки можат да погледнат дел од просториите во кои некогаш престојувал југословенскиот претседател.









