Двајца британски тинејџери кои самите се прогласиле за неонацисти и во пораки пишувале за тоа како би биле „сладок пар масовни убијци“ се осудени на затворски казни откако се обиделе да купат огнено оружје.
Рекс Кларк и Софија Виноградова имале по 18 години кога се обиделе да набават пиштол „глок 19“, откако претходно длабоко навлегле во онлајн екстремистички заедници, вклучувајќи канали на „Телеграм“ што промовираат неонацистичка идеологија, култот на смртта НЛМ („Ниту еден живот не е важен“) и британската окултна неонацистичка организација „Ред на деветте агли“, соопшти Метрополитен полицијата.
„Би биле баш сладок пар масовни убијци... Веројатно првите маж и жена кои заедно би извеле таков напад“, напишал Кларк во една порака до Софија.
Во друга порака, тој отворено повикувал на расно мотивирано насилство и масовно пукање.
Како што пренесува британски „Телеграф“, обвинителството навело дека постоеле „различни мотиви“ за набавка на оружјето, со оглед на тоа што Софија размислувала со пиштолот да си го одземе животот. Истражителите утврдиле дека таа и Кларк заедно се обиделе да купат огнено оружје преку интернет и дека платиле за него, но пиштолот никогаш не го добиле.
Пронајдена снимка поврзана со тероризам
Полицајците од единицата за борба против тероризам на телефонот на Софија пронашле и снимка поврзана со Исламската држава за изработка на импровизирана експлозивна направа, како и документ со упатства за оружје, експлозиви и отрови.
Според „Телеграф“, Софија и Кларк се осудени во понеделникот:
- Кларк, сега 20-годишник од Илфорд во источен Лондон, е осуден на шест години затвор пред Крунскиот суд во Кингстон.
- Софија (21) од Чесант во Хертфордшир е осудена на шест и пол години затвор, со дополнителни 12 месеци условен надзор по одлежувањето на казната.
Софија ја признала вината за обид за набавка на забрането огнено оружје и две точки од обвинението за собирање информации што би можеле да бидат од корист на лице кое извршува или подготвува терористички чин. Кларк по двонеделното судење беше прогласен за виновен за обид за набавка на забрането огнено оружје, но на повтореното судење подоцна беше ослободен од обвинението за ширење терористички публикации.
„Загрижувачки тренд“
Софија и Кларк беа уапсени на 10 август 2024 година во домот на Софија, по истрага на лондонската полиција за борба против тероризам.
„Овој случај е уште еден пример за загрижувачкиот тренд на кој сведочиме — млади луѓе кои се изложени на екстремистички и терористички содржини на интернет и преку нив стануваат радикализирани. Она што започна како активност на интернет, изложувајќи ги овие двајца млади луѓе на изразито токсични содржини и идеологии, а потоа прерасна во обид за набавка на огнено оружје, можеше да заврши со смртоносни последици“, изјави началничката на единицата Хелен Фленаган.








