ПРВ.мк
Црна Хроника

ДЕВЕТ ПОЛИЦАЈЦИ ОД ВЕЛЕС СЕ СООЧУВААТ СО ОБВИНЕНИЕ ЗА СЛУЧАЈОТ СО РОСИЦА КОЦЕВА: Не реагирале на пријавите за семејно насилство!

ДЕВЕТ ПОЛИЦАЈЦИ ОД ВЕЛЕС СЕ СООЧУВААТ СО ОБВИНЕНИЕ ЗА СЛУЧАЈОТ СО РОСИЦА КОЦЕВА: Не реагирале на пријавите за семејно насилство!

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска поднесе обвинение против девет полициски службеници од Велес, поради сомневања дека сториле кривични дела злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 1, како и неизвршување на судска одлука од член 377 став 5 од Кривичниот законик.

Надлежниот јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција спровел опсежни истражни дејствија. Притоа, според утврденото во истрагата, обвинетите во периодот од 21 февруари до 15 септември 2025 година не ги извршувале своите службени обврски, со што сериозно ги повредиле правата на Росица Коцева, која во меѓувреме починала.

Обвинителството оценува дека со нивното постапување било повредено нејзиното уставно загарантирано право на живот, како и правата што ги гарантираат членовите 2 и 3 од Европската конвенција за човекови права.

Според обвинението, полициските службеници не постапувале соодветно по пријавите што Коцева ги поднесувала за семејно насилство. Притоа, не ги почитувале законските обврски утврдени со Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, како и правилниците што го регулираат начинот на процена на ризикот од сериозна опасност по животот и физичкиот и психичкиот интегритет на жртвата и членовите на нејзиното семејство.

Во постапката, според обвинителството, не биле испочитувани ниту правилата за процена на опасноста од повторување на насилството, одредбите од Правилникот за вршење на полициските работи и обврските предвидени со Законот за полиција.

Дополнително, и покрај тоа што биле изречени судски мерки за заштита на жртвата од семејно насилство, обвинетите не постапувале по итните мерки за заштита, што претставува еден од клучните пропусти наведени во обвинението.

Обвинителството посочува и дека дел од полициските службеници, откако презеле одредени дејствија по пријава на оштетената, постапиле спротивно на изречните законски одредби од Законот за полиција. Тие не го известиле надлежниот јавен обвинител за да добијат понатамошни насоки за постапување, а доказите ги задржале во просториите на ООК-ОКП Велес, без притоа да поведат каква било постапка.

Сега, деветте полициски службеници ќе треба да се соочат со обвинението за нивното постапување во случајот со Росица Коцева, во кој истрагата се однесува на начинот на кој биле третирани нејзините пријави за семејно насилство и непочитувањето на мерките за нејзина заштита.