ПРВ.мк
Балкан

„МУ СТАВИВМЕ ПЕРНИЦА НА ЛИЦЕТО, НО МОЖЕШЕ ДА ДИШЕ“: Вака се бранеле докторката и техничарите од собата во која почина Периш!

„МУ СТАВИВМЕ ПЕРНИЦА НА ЛИЦЕТО, НО МОЖЕШЕ ДА ДИШЕ“: Вака се бранеле докторката и техничарите од собата во која почина Периш!

Четворицата вчера уапсени поради смртта на пациентот во загрепската психијатриска болница, Кристијан Јосип Периш (32), за време на испитувањето ја негирале вината. Станува збор за докторка и уште тројца медицински техничари кои се осомничени дека не направиле ништо за да ги спречат четворицата свои колеги да го убијат пациентот за време на интервенцијата на 21 октомври, пишува хрватскиот портал „Индекс“. Вкупно осум лица во моментов се осомничени — четворица за тешко убиство и уште четворица кои со своето непостапување учествувале во тоа.

Ниту државното обвинителство, ниту полицијата сè уште официјално не ги објавија деталите за кривичните дела што им се ставаат на товар на лекарите, медицинските сестри и техничарот уапсени вчера.

Одбраната ги преиспитува обвинувањата

Одбраната, пак, го поставува прашањето зошто обвинетите се товарат за тешко убиство со евентуална умисла кога, веднаш штом Периш го изгубил пулсот, започнале со реанимација. Освен тоа, повикале и екипа на Итна помош за да им помогне со оживувањето, кое на крајот не успеало.

Во своите искази некои од нив го објаснувале и користењето перница за време на зафатот со кој се обиделе да го совладаат Периш. Навеле дека перницата всушност била ставена на лицето на пациентот додека главата му била свртена странично. Тоа значи дека, според нивните тврдења, цело време можел да дише.

Некои од нив ги уверувале истражителите дека всушност не виделе никакви удари, бидејќи четворицата техничари кои биле веднаш до самиот Периш им го попречувале погледот на останатите во собата. Укажувале и на отсуството на резултати од судско-медицинското, како и од токсиколошкото вештачење, поради што всушност сè уште не се знае вистинската причина за смртта. Притоа споменувале и можни компликации поради препаратите и лековите што ги земал.

И покрај ваквите искази, обвинителството смета дека сепак е потребно да им се одреди притвор, и тоа поради опасност од влијание врз сведоци, но и повторување на кривичното дело, со оглед на тоа што сите сè уште се вработени во Психијатриската болница „Свети Иван“, каде што почина Периш. Притвор се бара и поради тешките околности на кривичното дело, исто како што беше побарано и против првите четворица уапсени.

Адвокатите воздржани во изјавите

Адвокатите на осомничените по испитувањето не беа расположени да даваат изјави. Само адвокатот Љубо Павасовиќ Висковиќ, кој брани еден од техничарите уапсени вчера, кусо изјави дека притворот против неговиот клиент е побаран по основ за кој тој досега не доживеал да се бара. Не прецизираше, но очигледно мислеше на тешките околности на кривичното дело како причина за одредување притвор. Потврди и дека неговиот клиент ја изнел својата одбрана.

На прашањето на новинарите дали очекува во продолжението на истрагата да дојде до промена на квалификацијата на кривичното дело и дали тоа воопшто е можно, Павасовиќ Висковиќ не сакаше да навлегува во детали.

„Тоа не би го коментирал многу сега, во овој момент. Значи, тука ја имате жртвата, ја имате стравотијата што ја доживеа тоа семејство, а од друга страна, овде имате една ситуација која всушност повеќе не е во доменот на правото и правосудството, така што тоа не е нешто што би требало опсежно да го коментирам, ниту е место, ниту време за тоа“, порача тој.

Обвиненија против медицинските техничари

Да потсетиме, Кристијан Јосип Периш почина на 21 октомври. Откако полицијата ја презеде снимката од болничкиот видео-надзор, на 6 ноември беа уапсени четворица медицински техничари осомничени за тешко убиство на особено ранливо лице. Според досега познатите детали од истрагата, Периш за време на интервенцијата бил врзан за болничкиот кревет, а осомничените, како што тврди обвинителството, го удирале и со раце и колена го притискале по главата, вратот, градите и стомакот. На снимката се гледа и ставање перница преку неговата глава и лице. На четворицата техничари им е одреден притвор, а болницата им врачи вонредни откази.

Случајот предизвика големо внимание во јавноста, особено откако беше објавена снимката од насилството врз пациентот. Семејството уште два дена по смртта на Периш поднесе кривична пријава и побара зачувување и итно одземање на снимките од видео-надзорот. Меѓутоа, тогашната директорка Мајда Грах ја прегледала снимката дури на 4 ноември, речиси две недели по смртта, а полицијата ја известила за сомнеж за кривично дело еден ден подоцна. Здравствената инспекција утврди неправилности во документирањето на мерките за скротување и предупреди на задоцнетото постапување на болницата. Грах на 12 ноември поднесе неотповиклива оставка.

Што напишала докторката во изјаснувањето

Во официјалниот болнички извештај, кој тогашната директорка Мајда Грах на 7 ноември го достави до Министерството за здравство, детално е опишано и постапувањето на сега уапсената докторка на специјализација. Според тој документ, докторката го опишала Периш како изразито вознемирен, раздразлив и несоработлив пациент кој се обидувал да нападне дел од персоналот, да ги гризне и оттурне и силно се спротивставувал на скротувањето. Навела дека се обидела да го смири со разговор, а потоа одредила интрамускулна примена на халоперидол, промазин и дијазепам.

Со оглед на тоа што, според извештајот, тој и понатаму се спротивставувал, побарала помош од дополнителен медицински техничар и размислувала за нова доза халоперидол. Отишла во одделенската амбуланта за да ја подготви терапијата, но таму била известена дека Периш повеќе не дише и дека нема пулс. Дополнителната доза не била применета. Ударите и перницата во изјаснувањето не се споменуваат.

Најнови вести