Четири лица се уапсени во рамките на меѓународна полициска операција насочена кон откривање и спречување на сексуална злоупотреба и експлоатација на деца преку интернет. Акцијата била спроведена од полицијата на Република Српска, во соработка со Европол и полициските служби на Македонија, Србија, Црна Гора, Словенија и Хрватска.
Операцијата, наречена „Мозаик 2026“, била насочена особено кон откривање кривични дела поврзани со искористување деца за порнографија и нивна злоупотреба во дигиталниот простор.
Како што информираат од Министерството за внатрешни работи на Република Српска, активностите биле реализирани врз основа на наредби издадени од надлежните судови. Во рамките на операцијата биле извршени претреси на пет локации што ги користеле осомничените лица.
При претресите биле одземени повеќе предмети и уреди за кои постои сомневање дека можат да содржат докази поврзани со истрагата. Меѓу нив се мобилни телефони, лаптоп-компјутери, УСБ-мемории, мемориски и СИМ-картички, како и други уреди за дигитално складирање податоци.
Според сомнежите на истражните органи, уапсените во одреден временски период користеле социјални мрежи за споделување и разменување материјали што прикажуваат сексуална злоупотреба и експлоатација на деца.
Дополнително, постојат сомневања дека осомничените воспоставувале контакт со деца преку интернет, им испраќале фотографии и ги наведувале да создаваат материјали со порнографска содржина.
Со операцијата „Мозаик 2026“ се опфатени полициските служби на шест држави, со поддршка на Европол, а истрагата е насочена кон откривање на лицата вклучени во ваквите активности и спречување понатамошна злоупотреба на деца во онлајн-просторот.







