На седум полициски службеници од Бор, Србија, им е одреден 30-дневен притвор со одлука на Вишиот суд во Ниш. Тие се осомничени дека ги малтретирале и мачеле Срѓан Јанковиќ и Дејан Драгијевиќ, кои се осомничени за убиството на двегодишната Данка Илиќ.
Полицајците биле уапсени на 14 ноември, а според информациите што ги пренесува Н1, наводното малтретирање се случило додека Јанковиќ и Драгијевиќ биле задржани во Полициската управа во Бор, во рамки на истрагата за убиството на девојчето.
Портпаролката на Вишиот суд во Ниш потврдила дека одлуката за притвор е неправосилна. Како причини за определување на мерката се наведуваат опасноста осомничените да влијаат врз доказите и сведоците, можноста за повторување на кривичното дело, како и вознемиреноста на јавноста.
Од Вишото јавно обвинителство во Ниш информирале дека и претходно издавале наредби за апсење на полициските службеници. Сепак, припадниците на Секторот за внатрешна контрола при Министерството за внатрешни работи не постапиле по тие наредби.
Случајот е поврзан и со уште една истрага за постапувањето на полицијата во Бор. Минатата недела Обвинителството наредило апсење на дополнителни осум полициски службеници, кои се осомничени дека во полициската станица во Бор му нанеле тешки телесни повреди на Далибор Драгијевиќ, брат на Дејан Драгијевиќ.
Далибор Драгијевиќ починал на 7 април 2024 година, како последица на здобиените повреди.








