Сериозен инцидент се случил на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство (ГАК) во Скопје, каде што на новороденче старо само два дена му бил отсечен дел од палецот при отстранување на инфузија.
Инцидентот се случил на 16 ноември, во моментите кога родителите се подготвувале со своето девојче да ја напуштат болницата.
За случајот јавно проговорил таткото на бебето, Аднан Азизи, кој раскажал дека неговата сопруга му се јавила да дојде да ги земе од болница.
Според неговото сведоштво, додека ги чекале медицинските лица да го донесат новороденчето, при обид со ножици да се отстранат лепливата лента и завојот со кои била прицврстена инфузијата, дошло до повреда на прстот.
Бебето веднаш било префрлено на Клиниката за детска хирургија, каде што било оперирано под анестезија.
Директорот на Детска хирургија, д-р Лазо Јовчевски, потврдил дека била неопходна хируршка интервенција бидејќи крварењето не престанувало. Според објавените информации, палецот ќе остане функционален, но пократок.
Од Клиниката за гинекологија и акушерство го потврдија инцидентот и соопштија дека веднаш по констатирањето на повредата бил повикан детски хирург.
Случајот е евидентиран како несакан настан и веќе бил разгледан од Комисијата за квалитет.
Од ГАК најавија и седница на Дисциплинската комисија, која треба да ги утврди околностите и евентуалната индивидуална одговорност на медицинскиот персонал.
Клиниката нагласува дека ваквите инциденти ги третира со највисок степен на сериозност и дека, доколку се утврдат пропусти, ќе бидат преземени најстроги мерки согласно законските прописи.








