ПРВ.мк
Македонија

КРАЈ ЗА ПАТАРИНИТЕ КАКВИ ШТО ГИ ЗНАЕМЕ? Во Македонија се подготвува нов систем за наплата

КРАЈ ЗА ПАТАРИНИТЕ КАКВИ ШТО ГИ ЗНАЕМЕ? Во Македонија се подготвува нов систем за наплата

Во Македонија се подготвуваат значајни промени во начинот на наплата на патарините. Наместо сегашниот систем со физички рампи и задолжително запирање на возилата, се разгледува воведување електронска наплата според реално поминатите километри.

Министерот за транспорт Александар Николоски најави дека подготовките за законските измени се во напредна фаза, а се очекува предлог-законот да биде претставен во декември.

Со новиот систем возачите би можеле да поминуваат низ автопатиштата без запирање на наплатните станици, додека висината на патарината би се пресметувала според изминатото растојание.

Според Николоски, ваквиот начин на наплата би бил поправеден за граѓаните, бидејќи секој би плаќал за километражата што реално ја поминал.

Како пример го посочи плаќањето на патарината кај Смоквица, каде што возачите што тргнуваат од Демир Капија плаќаат иста сума на таа наплатна станица како и оние што патуваат од Скопје кон Гевгелија.

Новото решение првично би можело да се примени на автопатот Кичево – Охрид, а потоа да се разгледува негово пошироко воведување.

Во подготовката на законските измени ќе бидат вклучени и експерти од Европската транспортна заедница, со цел да се искористат искуствата од европските држави што веќе применуваат современи системи за наплата.

Засега не е утврдена цената по километар, ниту точниот датум на кој би започнала примената на новиот систем.

Постојните патарини продолжуваат да функционираат, а нивното евентуално отстранување ќе зависи од усвојувањето на законските измени и техничката реализација на проектот.