ПРВ.мк
Свет

ДОКУМЕНТИ ОТКРИЈА ЗДЕЛКИ СО ОЛИГАРСИ, ТРАМП И ЕПСТИН: Претседателот на Управниот одбор призна дека не е безгрешен

ДОКУМЕНТИ ОТКРИЈА ЗДЕЛКИ СО ОЛИГАРСИ, ТРАМП И ЕПСТИН: Претседателот на Управниот одбор призна дека не е безгрешен

Голем финансиски скандал ја потресува Германија откако во јавноста протекоа повеќе од 15 милиони интерни документи на Дојче банка, најголемата германска банка, кои откриваат детали за спорни деловни практики, соработка со руски олигарси и финансиски односи со познати светски личности.

Меѓу имињата што се споменуваат во документацијата се американскиот претседател Доналд Трамп и починатиот сексуален престапник Џефри Епстин.

Обемната документација содржи повеќе од девет милиони електронски пораки, извештаи, презентации и други интерни материјали. Во нивната анализа учествувале новинари од „Шпигел“, ЗДФ, „Њујорк тајмс“ и „Фајненшл тајмс“.

Според објавените информации, банката активно се обидувала да привлече богати руски клиенти, и покрај предупредувањата за ризици од перење пари и сомнителни финансиски трансакции.

Во 2020 година бил изработен список со 200 најбогати Руси, а планот предвидувал приходите од работењето со руски клиенти да се зголемат од 28 на 50 милиони евра до 2023 година.

Документите откриваат и информации за претходни трансакции со Доналд Трамп, како и за деловните односи со Џефри Епстин. Самото споменување на нивните имиња во документацијата не претставува доказ за незаконско постапување.

Претседателот на Управниот одбор на Дојче банка, Кристијан Зевинг, признал дека во минатото биле направени грешки.

„Не сум безгрешен“, изјавил Зевинг, нагласувајќи дека банката во изминатите години вложила значителни средства во подобрување на внатрешните контроли.

Од банката тврдат дека дел од случаите се однесуваат на настани стари и до две децении и дека меѓу 2019 и 2025 година инвестирале седум милијарди евра во подобрување на системите за контрола.

Објавувањето на документите предизвикало и силна реакција на берзата, каде што акциите на Дојче банка во еден момент паднале за 6,2 проценти.

Германскиот министер за финансии Ларс Клингбајл најавил дека надлежните регулаторни институции детално ќе го разгледаат случајот и ќе побараат целосна транспарентност.

Засега останува неизвесно дали објавените информации ќе доведат до нови правни постапки или финансиски санкции.