Училишниот ручек низ светот изгледа сосема различно – од топли и балансирани оброци до храна подготвена дома. Разликите во менито често се одраз на културата, традицијата и начинот на кој секоја земја гледа на исхраната на најмладите.
Според Светската програма за храна (WFP), најмалку 466 милиони деца во светот се опфатени со некаков вид програма за училишна исхрана, што е речиси 80 милиони повеќе во споредба со 2020 година.
Во многу држави, целта на овие програми не е само децата да добијат оброк, туку уште од најрана возраст да стекнат поздрави навики и да се запознаат со различни видови храна.
Во Јапонија ручекот е дел од образованието
Јапонските ученици најчесто добиваат внимателно избалансиран оброк кој може да содржи ориз, супа, риба или друг извор на протеини и зеленчук.
Интересно е што ручекот е поврзан и со воспитно-образовниот процес. Во дел од училиштата учениците учествуваат во послужувањето и расчистувањето по оброкот, со што учат за одговорност, правилна исхрана и култура на јадење.
Во Франција – ручек како во ресторан
Француските училишни мензи имаат значително поинаков пристап. Оброкот често се состои од повеќе делови – предјадење или салата, главно јадење со прилог, сирење или друг млечен производ, а потоа овошје или десерт.
Посебно внимание се посветува на разновидноста и свежите производи, а училишниот ручек се смета и за можност децата да запознаваат нови вкусови.
Традиционалното мени од повеќе делови е поврзано и со нутритивни стандарди, како и со употребата на локални и органски производи. На менито понекогаш може да се најдат дури и традиционални специјалитети како „moules-frites“ – школки со помфрит.
Во Индија многу деца носат храна од дома
Сосема поинаква слика може да се забележи во Индија. Дел од учениците добиваат топли оброци преку државните програми за исхрана, додека други носат свој „tiffin“ – кутија со домашно подготвена храна.
Во неа најчесто може да се најдат ориз, дал, зеленчук, чапати и други традиционални јадења, зависно од регионот и семејните навики.
Од организираниот јапонски модел, преку богатото француско мени, до домашните индиски оброци, училишниот ручек покажува колку различни можат да бидат навиките на децата ширум светот.









