ПРВ.мк
Свет

Најголем мигрантски бран досега? Сеута се соочува со огромен притисок

Најголем мигрантски бран досега? Сеута се соочува со огромен притисок

Шпанската енклава Сеута се соочува со голем мигрантски бран, откако, според информациите што ги пренесуваат медиумите, во период од 24 часа десетици илјади луѓе пристигнале од Мароко по копнен и морски пат.

Според извештаите, бројот на пристигнати се проценува на меѓу 40.000 и 50.000 лица, додека дел од медиумите, повикувајќи се на шпанските власти, наведуваат бројка од околу 49.000 мигранти. Овие информации сè уште се предмет на дополнителни проверки.

Полициски извори соопштиле дека 18 мигранти го загубиле животот при обидот да стигнат до шпанската територија.

Приливот продолжил и во текот на ноќта, а нови групи мигранти пристигнувале и во утринските часови. Поради сериозноста на ситуацијата, шпанските власти распоредија војска во Сеута за да помогне во обезбедувањето на границата и справувањето со кризата.

Според најавите, шпанскиот премиер Педро Санчез, заедно со министерот за внатрешни работи Фернандо Гранде-Марласка, требало да го посети граничниот премин Тарахал за да ја процени состојбата на терен.

Доколку овие бројки се потврдат, станува збор за најголемиот мигрантски бран што некогаш ја погодил Сеута. За споредба, во 2021 година околу 10.000 мигранти пристигнаа во енклавата за краток временски период, што тогаш беше оценето како сериозна мигрантска криза.