Романија вечерва подигна два борбени авиони Ф-16 откако руски дрон влезе во нејзиниот воздушен простор за време на напад врз украинска инфраструктура во близина на границата, потврди Министерството за одбрана.
Жителите од југоисточниот округ Тулча, во близина на Дунав и украинската граница, добија предупредување веднаш да се засолнат. Дронот бил следен сè додека не исчезнал од радарите, околу 20 километри југозападно од селото Килија Века.
Иако според властите леталото не прелетало над населени места и не претставувало директна закана, локалните медиуми јавуваат дека романските сили успеале да соборат руски дрон „Шахид“.
Напнатата состојба доаѓа само неколку дена откако Полска собори руски беспилотни летала над својот воздушен простор, потсетувајќи на растечката опасност од ширење на војната кон НАТО-границите.