Институтот за јавно здравје упати сериозни препораки до граѓаните за заштита од загадувањето на воздухот и штетните материи што се шират со чадот од активните пожари во Скопје и околината.
Од Институтот апелираат жителите на ризичните подрачја да останат во затворени простории со цврсто затворени прозорци и врати, особено оние во близина на жариштата или на локации кон кои чадот се пренесува со ветерот. Исто така, се советува исклучување на вентилациските и климатизациските системи кои вовлекуваат надворешен воздух, за да се спречи влегување на чад и загадувачи во домовите.
Најзагрозени се лицата со респираторни заболувања, децата, постарите лица и бремените жени, на кои им се препорачува да избегнуваат престој на отворено. Доколку е неопходно движење во близина на пожарите, задолжително е користење на соодветни заштитни маски.
ИЈЗ предупредува на симптоми како кашлица, отежнато дишење, главоболка или иритација на очите, носот и грлото. Секој кој ќе ги почувствува овие тегоби треба веднаш да побара лекарска помош.
Посебен апел е упатен и до установите за згрижување на стари лица да преземат сите потребни мерки за заштита на оваа ранлива група.
Надлежните институции бараат граѓаните строго да ги почитуваат упатствата и да се воздржат од контакт со отпад или влез во погодените подрачја сè додека тоа не биде дозволено од официјалните служби.
Институтот потенцира дека овие мерки се клучни за намалување на ризиците по здравјето и заштита на целата заедница.