Голема полициска акција започна утрово во неколку кантони на Федерацијата Босна и Херцеговина, насочена против членовите на неформалната група „Пантери“, познати како ловци на педофили. Акцијата се спроведува по налог на Обвинителството на Кантонот Сараево, со поддршка на Федералната полициска администрација и Државната агенција за истраги и заштита.

Случајот се отвори откако еден граѓанин од Вратник пријавил дека бил претепан и уценуван, по што се започнала истрага за можни кривични дела. „Пантерите“ претходно објавиле видео од наводен директор на јавна институција кој се обидел да нападне малолетник, а потоа физички го нападнале, што предизвика големо внимание во медиумите.
Во рамките на акцијата со кодно име „Кафез“ се вршат претреси на седум локации во Сараево, ХНК и УСК, а повеќе членови на „Пантери“ се очекува да бидат приведени. Тие се осомничени за насилно однесување, неовластено снимање, уцена и загрозување на безбедноста.

Министерството за внатрешни работи нагласува дека истовремено се бараат материјални и дигитални докази за наводни снимки на штета на децата, а акцијата се спроведува и со помош на Агенцијата за разузнавање и безбедност на БиХ.
Овој случај дојде во центарот на јавноста по инцидентот на 31 август во Илиџа, кога шест лица беа уапсени поради тепачка поврзана со „Пантери“. Засега се утврдуваат сите детали за нивните активности, кои, иако се прикажуваат како борба против педофилија, можеби содржат елементи на изнуда и други кривични дела.