Во германските банки моментално има депонирани околу 4,2 милијарди евра на сметки кои официјално немаат сопственик. Овие средства се водат како „заборавени“ сметки, најчесто поради тоа што сопствениците починале без наследници или документите за сметките не биле евидентирани.
Според професорот по економија на Универзитетот во Касел, Кристијан Клајн, ваквите средства не секогаш се чисти – дел од нив може да бидат поврзани со трговија со дрога или црни пари.
Сметка се класифицира како заборавена доколку банката со години не успее да стапи во контакт со клиентот. Вообичаено, тие се затвораат по 30 години. Сепак, ако дури и по 45 години се појави вистински сопственик, банката е должна да му ги исплати средствата.
Германската влада размислува овие пари да ги насочи во посебен фонд за поддршка на социјалниот систем, по примерот на Велика Британија. Од друга страна, банките апелираат граѓаните редовно да ги проверуваат своите сметки за да не се случи нивните заштеди да останат без сопственик.