ПРВ.мк
Свет

На 15 години завршил во затвор, а на 18 роденден доби нови обвиненија: Случајот што ја потресува Русија!

На 15 години завршил во затвор, а на 18 роденден доби нови обвиненија: Случајот што ја потресува Русија!

Арсениј Турбин го одбележа својот 18-ти роденден зад затворски решетки, во притворскиот центар во Перм, откако уште како тинејџер беше осуден за дело поврзано со тероризам.

Турбин имал само 15 години кога во 2023 година бил уапсен поради активности кои, според обвинителството, биле поврзани со забранета организација. Станувало збор за момче кое споделувало содржини од руски опозициски политичари, јавно го критикувало Владимир Путин и се спротивставувало на руската инвазија врз Украина.

Во периодот на апсењето, Турбин бил опишуван како еден од најмладите политички затвореници во Русија.

Во јуни 2024 година бил прогласен за виновен и осуден на пет години затвор по обвинение за членство во Легијата на слободна Русија, руска вооружена формација која дејствува во егзил и се борела на страната на Украина.

Турбин ги негирал обвиненијата. Тој признал дека поставувал летоци со критики кон Путин во поштенските сандачиња на соседи, но тврдел дека тоа го направил самостојно и без инструкции од организацијата.

Според неговото семејство, истражителите во документите внеле и изјава со која се сугерирало дека тој работел за Легијата, што семејството го оспорува.

По изрекувањето на пресудата, Турбин бил испратен во поправен дом во Перм. Неговите блиски тврдат дека таму бил изложен на различни обиди за провокација и дека други затвореници биле поттикнувани да разговараат со него на начин кој можел дополнително да го инкриминира.

Подоцна, според неговите адвокати и семејни пријатели, во неговата ноќна масичка била пронајдена тетратка со содржина поврзана со забранета младинска група. Одбраната обезбедила докази со кои тврдела дека Турбин немал никаква врска со тетратката.

Но неговата ситуација дополнително се влошила годинава.

На 7 јануари во поправниот дом избувнал бунт, а Турбин подоцна бил обвинет дека бил вмешан во настанот. Доколку биде прогласен за виновен по новите обвиненија, би можел да добие дополнителна затворска казна од три до осум години.

Тој, сепак, на семејството му кажал дека во моментот на немирите бил во својата ќелија и гледал телевизија.

Неговите блиски сметаат дека новата постапка претставува одмазда поради неговото постојано негирање на првичните обвиненија.

Адвокатот Евгениј Смирнов од организацијата „Првиот оддел“ предупредува дека дополнителни кривични постапки против веќе осудени лица не се изолиран феномен во Русија и дека во одредени случаи се користат како средство за притисок врз оние кои се спротивставуваат на системот.

Случајот на Турбин е дел од пошироката загриженост за постапувањето кон малолетници обвинети за политички мотивирани кривични дела во Русија.

Според извештај на организацијата „Меморијал“, од јуни годинава биле документирани стотици случаи на политички мотивирано кривично гонење на малолетници. Во извештајот се наведува дека стотици лица под 18 години биле лишени од слобода, а повеќе од сто деца во моментот биле во притвор.

Организацијата посочува дека случаи поврзани со графити, летоци, антивоени објави на интернет или наводно учество во забранети организации во одредени ситуации биле третирани како терористички дела.

Во меѓувреме, семејството на Турбин се соочува и со сериозни финансиски и практични проблеми. Неговата мајка ја изгубила работата, а приходите од пензиите на неговите баба и дедо се користат и за судски трошоци и патувања до Перм за да го посетат.

Особено голема неизвесност за семејството претставува фактот што Турбин сега е полнолетен. По наполнувањето 18 години, се отвора прашањето каде ќе продолжи да ја издржува казната, а неговите блиски стравуваат дека би можел да биде префрлен уште подалеку од Перм.

Неговите адвокати продолжуваат со правните напори за преиспитување на случајот, вклучително и поднесување жалби до повисоките судски инстанци и обраќање до руските власти со барање за повторно разгледување на неговата пресуда.