Светската здравствена организација побара официјални информации од руските власти по извештаите за нов смртен случај во сибирскиот град Иркутск, кој во дел од медиумите се поврзува со белодробна чума.
Од СЗО бараат детални податоци за епидемиолошката состојба и за извршените лабораториски тестирања, бидејќи, според организацијата, во моментов нема доволно информации за да се направи целосна проценка на потенцијалниот ризик.
Случајот привлече особено внимание по смртта на 28-годишна научничка вработена во специјализиран институт за сузбивање на чума во Иркутск.
Руските власти, според објавените информации, не потврдиле дека нејзината смрт е поврзана со опасната бактерија. Официјално било наведено дека таа починала од воспаление на белите дробови со непознато потекло.
Надлежните во Русија истовремено тврдат дека во научната установа немало никаков безбедносен инцидент.
СЗО, сепак, бара конкретни медицински и лабораториски докази.
Организацијата побарала информации за тоа кои тестови биле направени кај починатата научничка, како и дали биле тестирани лицата кои биле во непосреден контакт со неа пред нејзината смрт.
Генералниот директор на СЗО, Тедрос Адханом Гебрејесус, според објавените информации, посочил дека организацијата сè уште нема целосен увид во епидемиолошката состојба во регионот.
Без официјални и детални податоци од руските институции, меѓународните здравствени експерти засега не можат да утврдат дали постои поширок ризик за населението.









