Силен земјотрес рано утрово го потресе подрачјето покрај брегот на италијанската област Калабрија, а потресот бил почувствуван и во поширокиот регион, вклучително и во делови околу Неапол, пренесуваат италијанските медиуми.
Според достапните информации, епицентарот бил во Тиренското Море, во близина на градот Козенца, на околу 240 километри југоисточно од Неапол.
Податоците од Италијанскиот институт за геофизика и вулканологија покажуваат дека земјотресот бил со јачина од 6,1 степен според Рихтеровата скала, а се случил на длабочина од приближно 250 километри.
Италијанската агенција АНСА јавува дека потресот бил почувствуван во речиси целата област Калабрија, но и во поширокиот регион околу вулканот Везув. Потреси биле регистрирани и во правец на регионот Базиликата.
Според првичните информации што досега се објавени, нема пријави за повредени лица или материјална штета.








